Драма во Каунас: Навивач на Жалгирис доживеа срцев удар на мечот со Монако

Во натпреварот од 7. коло на Евролигата, кошаркарите на Жалгирис го победија Монако со 63-62 и го задржаа врвот на рангирањето со шест победи и еден пораз.

Пред два дена, Жалгирис во одличен и драматичен меч со кошот на Брајант Данстон во последната секунда ја победи Црвена Звезда. Драматично беше и против Монако, а решавачкиот кош го постигна Гидраитис Довидас на 58 секунди пред крајот на мечот. До крајот на натпреварот и двете екипи имаа шанси за поени, но резултатот не се менуваше.

Арнас Буткевичиус со 13 и Ален Смаилагиќ со 10 поени го предводеа Жалгирис до триумфот, додека на спротивната страна најефикасен беше Џордан Лојд со 18 поени.

На полувремето од мечот вистинска драма се одвиваше на трибините на Жалгирис Арена. Еден гледач колабирал и лекарите морале да го реанимираат. Во арената бил користен и дефибрилатор за оживување на човекот, а локалните медиуми јавуваат дека по големи напори на лекарите успеале да го оживеат човекот и да го пренесат во болница.

„Пред да зборувам за спортот, бев информиран дека еден од нашите навивачи имал срцев удар за време на натпреварот. Сакам да им се заблагодарам на луѓето кои му помогнаа. Му посакувам се најдобро. Благодарен сум на сите што се бореа за неговиот живот. Викторас, издржи“, изјави по натпреварот италијанскиот тренер на Жалгирис, Андреа Тринкиери .

Се вчитува...