Мурињо лудуваше во Трабзон: Неверојатно славје, па пцуење кон противничките играчи (ВИДЕО)

Фенербахче го победи Трабзонспор со 3:2 на гостински терен во луд натпревар од 11. коло на турската Суперлига. Фенербахче водеше со голот на Фред во 35. минута, но Трабзонспор направи пресврт во вториот дел благодарение на головите на Банца од два пенали. Сепак, Един Џеко во 75. минута и Софијан Амрабат во 12. минута од судиското надополнување му донесоа победа на Фенер.

Иако самиот натпревар привлече големо внимание, во центарот на вниманието беше Жозе Мурињо, тренерот на Фенербахче. Португалецот беше нервозен во текот на целиот натпревар, а целосно ја загуби контролата кога Амрабат го постигна победничкиот гол во 102. минута. Потоа истрча на теренот и падна на колена.

Кога судијата го свиреше последниот свиреж, Мурињо вербално се судри со противничките играчи, а на снимката се слуша како го пцуе еден од нив.  После тоа со гестикулации ги испровоцира домашните навивачи и пред нив ја прослави победата.

Турските медиуми јавуваат дека „специјалниот“ за ова негово однесување ќе заработи и казна, односно суспензија.

Се вчитува...