Македонските ракометари од вчера почнаа со тренинзи, се со цел максимално подготвени да ги дочекаат пресметките со Естонија и со Ливанија на стартот на квалификациите за ЕП 2026.
Филип Кузмановски веќе се наметна како лидер на оваа подмладена репрезентација, а битолчанецот е преполн со самодоверба откако се врати во мак-ракометот и експресно стана клучен играч во редовите на шампионот Е. Пелистер. Тој не го крие оптимизмот пред почетокот на новиот квалификациски циклус, но и јасно стави до знаење дека очекува голема посета на дуелот со Естонија в среда, што нашите ракометари ќе го играат во СЦ „Борис Трајковски“.
„Пред се би сакал да искажам задоволство од позитивната енергија што е забележлива од првиот собир. Ова е подмладена репрезентација, но со многу талент и квалитет, фактот што сега сите играме стандардно во своите клубови е многу позитивен за националниот тим. За два месеца пред нас е СП, но не размислуваме толку далеку сега сме фокусирани само на почетокот на овие квалификации. Прв е мечот со Естонија, добро ќе се подготвиме, ќе сториме се за победа, со она што го правиме целиот овој период верувам дека заслужуваме публиката да дојде во голем број и да ни даде поддршка“, истакна Филип Кузмановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА