Ракометарите почнуваат нов циклус: Естонија е ривал што ќе падне во Скопје

Машката ракометна репрезентација на Македонија вечерва во 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ја пречекува Естонија, на стартот од новиот квалификациски циклус во кој нашите ракометари ќе се борат за билет на ЕП 2026.

Македонија покрај Естонија е во група уште и со Литванија и со Словенија, „црвено-жолтите“ имаат квалитет да ја остварат зацртаната цел, а патот кон новиот европски шампионат треба да стартува со денешен триумф над Естонија, селекција што барем на хартија важи за најслаба во групата.

„Me радува одличната атмосфера што владеево репрезентацијата, исто како и фактот дека сите ракометари играат стандардно во своите клубови, играат силни натпревари и бележат победи. Не бегаме од фаворитската улога, но знаеме дека секој почеток од нов циклус може да биде незгоден. Затоа, мораме да останеме максимално фокусирани и да одиграме максимално во текот на целиот натпревар“, изјави селекторот Кире Лазаров.

Филип Кузмановски ја има улогата на лидер во националниот тим, а одличниот бек ги повика навивачите да дојдат во што поголем број и да им дадат поддршка на ракометарите.

„За два месеца пред нас е СП, но не размислуваме толку далеку сега сме фокусирани само на почетокот на овие квалификации. Прв е мечот со Естонија, добро се подготвивме, ќе сториме се за победа, со она што го правиме целиот овој период верувам дека заслужуваме публиката да дојде во голем број и да ни даде поддршка“, истакна Филип Кузмановски.

Се вчитува...