Загреб избра 68-годишен стратег за нов тренер

Андрија Николиќ по убедливиот пораз од Магдебург си поднесе оставка од функцијата шеф на стручниот штаб на РК Загреб, а хрватскиот првак денеска и официјално го објави името на неговиот наследник.

Одговорната фукција му беше дадена на Велимир Петковиќ, искусниот 68-годишен стручњак кој ќе има задача да забележи барем уште некоја победа во ЛШ, но и да ги одбрани трофеите на хрватската ракометна сцена. Искусниот стратег има дводецениско искуство во Бундес-лигата, а во текот на својата богата кариера има дури четири трофеи во Купот на ЕХФ, првиот како предводник на Борац Бања Лука во далечната 1991 година.

По заминувањето од Германија тој во 2020 година го водеше тимот на ЦСКА Москва, а извесен период беше и селектор на Русија.

„Би сакале да му посакаме добредојде на новиот тренер Петковиќ. Секако, сакам да се осврнам и на работата на претходникот Андрија Николиќ и да му се заблагодарам за сето она што го даде за нашиот клуб. Свесни за целата ситуација, тој и Иван Чупиќ максимално кокретно се однесуваа во тешките моменти, искрено разговаравме со нив по дуелот со Магдебург и тие чесно и достоинствено се повлекоа од функциите“, изјави директорот на Загреб, Ведран Шупуковиќ.

Се вчитува...