Митрашиновиќ: Ќе ни биде потребна поддршка од трибините, Украина доаѓа со една од најдобрите европски кошаркарки

Женската кошаркарска репрезентација утре го игра првиот дуел од ноемврискиот двомеч од квалификациите за Евробаскет 2025, во кои нашите кошаркари за ривал ќе ја имаат селекцијата на Украина.

Анжелика Митрашиновиќ беше лидер на првите две средби со Србија и Португалија со просек од 20,5 поени и 5,5 асистенции по натпревар, а најдобрата македонска кошаркарка се надева на нови добри игри, на кои ќе биде неопходна и поддршка од трибините ако се сака да се стигне до добар резултат.

„Нов прозорец, нова авантура за нас. Уживање е да си биде дел од националниот тим, и да се бранат боите на нашата нација. Нė очекуваат два натпревари на домашен терен со Украина и Португалија, натпревари во кои нė очекува голема возбуда. Сакам да одиме чекор по чекор… Прво ни доаѓа репрезентацијата на Украина, која, иако во претходниот циклус имаше два порази, добро знаеме за каква екипа се работи. Тим во кој овојпат во составот ќе биде и Алина Јагупова, една од најдобрите европски кошаркарки. Нешто најважно за нас ќе биде поддршката од трибините. Затоа повикувам, ги поканувам сите наши симпатизери, љубителите на женската кошарка, во четврток да дојдат во СРЦ ‘Кале’, и да ни ја дадат истата. Се надевам дека ќе возвратиме со одлична игра во која ќе уживаат, и искрено верувам, дека на крајот ќе излеземе со позитивен резултат од овој натпревар“- вели Митрашиновиќ пред утрешниот дуел со Украинките.

Федерацијата повлече вистински потег и одлучи влезот за дуелот со Украина, што се игра утре сопочеток во 18 часот да биде бесплатен.

Се вчитува...