Никола Мишковиќ беше последното засилување што Пелистер го доведе во пресрет на новата сезона, српскиот крилен центар одлично се адаптираше наметнувајќи се како еден од лидерите на битолскиот прволигаш.
Тој не крие дека е задоволен од стартот на прволигашката сезона, најавувајќи дека тимот на Александар Петровиќ ќе продолжи со добри изданија на мак-сцената и во продолжението на сезоната.
„Минаа неколку месеци од моето доаѓање во клубот, среќен сум овде, одлично примен од тренерот и од соиграчите. Мислам дека кога говориме за македонското првенство треба да сме задоволни, го имавме оној еден „кикс“ против Гостивар, но славевме на големото дерби со МЗТ што беше многу важно за нас. Верувам дека ќе продолжиме во ист ритам и ќе го потврдиме својот квалитет во домашното првенство“, изјави Мишковиќ.
Кога станува збор за АБА2-лигата, тој не крие дека жали за двата пораза што „пелистерци“ не ги заслужија, ако се знае дека македонскиот вицепрвак во големи периоди имаше контрола над играта и резултатот и против Подгорица и против Џокер во Битола.
„Во АБА2 за жал немавме среќа на натпреварите со Подгорица и со Џокер, во Подгорица контролиравме речиси цел меч, на крајот загубивме двоцифрено, во Битола со Џокер имавме голема предност што си дозволивме да ја испуштиме. Ни недостига Андрија Бојиќ, кој е од огромна важност во ротацијата, токму во таа борба под кошевите и сигурно по неговото враќање во тимот уште повеќе ќе добиеме на квалитет и ќе ја кренеме формата на едно повисоко ниво“, вели Никола Мишковиќ.
Денеска е нов предизвик за „пелистерци, во 18 часот ќе се игра дуелот на гостински терен против Џокер, а иако тимот од Сомбор досега не знае за пораз во АБА2, Мишковиќ е оптимист дека Пелистер може да му ги замрси сметките.
„Знаеме колку е важно да се слави, треба да одиграме колективно, квалитетно, да дадеме се од себе и да стигнеме до победа во Сомбор. Она што според мене ќе биде клучно е да одиграме со одлична енергија и тимска хемија во текот на сите 40 минути. Во Битола одигравме одлично прво полувреме, но потоа им дозволивме за само неколку минути да се вратат и на крајот да триумфираат. Мораме да играме на исто ниво во текот на целиот меч, главна одлука на Џокер е нивната скок-игра и брзата транзиција, ние на првиот меч ги натеравме на над 20 загубени топки, мораме да ја повториме таа игра во одбраната, но и да бидеме уште поефикасни во нападите“, изјави Мишковиќ во пресрет на денешниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА