Литванија без ѕвездите од Жалгирис против Македонија

Новиот селектор на кошаркарската репрезентација на Литванија, Римас Куртинаитис, го објави списокот на кошаркари за двомечот против репрезентацијата на Македонија во квалификациите за Евробаскетот во 2025 година.

Осум кошаркари кои оваа сезона настапуваат во литванските клубови ќе играат во репрезентацијата на Литванија, додека останатите четири се интернационалци. Маргирис Норматас, Мартинас Палиукенас, Гитис Раџевичиус, Гитис Мачиулис и Чуолас Тубелис се од редовите на Литвос Ритас. Од најдобриот литвански тим Жалгирис Каунас на списокот се најде само Лукас Лекавичиус кој речиси и да не игра сезонава во тимот на Андреа Тринкиери. Од домашниот шампионат тука се и Криступас Жемаитис од Вилниус вулвс, како и Лауринас Белиускас од Утенос Јувентус.

Освалдас Олисевичиус и Еимантас Бенџиус доаѓаат од Италија, Мартинас Еходас  од Турција, Миндаугас Кузминскас во моментов е дел од АЕК во грчкиот шампионат.

„Ги собравме за овој ден оние кои се во најдобра атлетска форма и можат да дојдат. Мислам дека овој прозорец ќе биде повеќе за играчите и нивната борба и пожртвуваност за тимот отколку за тактиката бидејќи има многу малку време за подготовка. Го поканивме Артурас Гудаитис, кој сакаше да игра во репрезентацијата, но на крајот го спречи повредата, се надевам дека во иднина сигурно ќе игра во репрезентацијата“, изјави селекторот Куртинаитис. 

Првиот меч од двомечот е закажан за 21. ноември во Скопје, додека реваншот е три дена подоцна во Клаипеда.

Се вчитува...