БРОЈКИТЕ ГОВОРАТ… Барди кон јубилеен 20-ти гол, Столе до нов рекорд, Трајковски и Алиоски по јубилејни бројки!

Македонската репрезентација е пред нова историја за домашниот фудбал со промоција во Б-дивизијата во Лигата на нациите на УЕФА, за првпат од формирањето на ова репрезентативно натпреварување во 2018 година.

По веќе одиграните четири натпревари Македонија е убедливо на првото место во Групата 4 од Ц-дивизијата, па сега ја очекуваат двата последни ноемвриски натпревари против Летонија (14 ноември, 20:45 часот) и против Фарските острови (17 ноември, 15 часот), и тоа пред домашните навивачи на својата арена „Тодор Проески“ во Скопје, за заверка на првото место.

Без сомнение, желбата на македонските репрезентативци и стручниот штаб, на чело со селекторот Благоја Милевски, e на најдобар можен начин да се заокружи настапот сезонава во Лигата на нациите, онака и како што се почна изминативе два месеци. Со максимален ефект и две победи во ноември македонскиот репрезентативен фудбал може да дојде до серија рекорди, како домашни така и интернационални, со кои уште еднаш би го потврдиле потенцијалот и на оваа нова репрезентација која се гради во периодот од септември 2023 година.

ДЕЛ ОД МОМЕНТИТЕ КОИ ЌЕ БИДАТ ОДБЕЛЕЖАНИ НИЗ ПРЕСТОЈНИТЕ ДВА НАТПРЕВАРИ СО ЛЕТОНИЈА И СО ФАРСКИТЕ ОСТРОВИ:

3 – Македонија следната ждрепка за квалификациите за СП 2026 и дефинитивно ќе ја очекува од третиот шешир. Првпат во историјата, националниот тим ќе биде во трет шешир во еден квалификациски циклус за СП или ЕП.

4 – Македонската селекција, со триумф над Летонија, може првпат да дојде и до четири победи во низа. Македонија досега има низа од три натпревари со триумф без примен гол низ актуелната Лига на нации.

5 – Петти натпревар против Летонија досега во меѓусебната историја. Македонската селекција првпат може да биде максимална против една селекција по пет дуели. Досега Македонија има четири победи против Летонците. Против Фарските острови, пак, ќе ни биде трет меѓусебен дуел.

16 – Со две победи во ноемврискиот циклус македонската селекција ќе го израмни рекордот на најдобар резултатски скор воопшто досега во Лигата на нации во сите дивизии – 16 освоени бода. Досега 16 бода во групната фаза на Лигата на нациите освоиле само Франција во сезоната 2020/21 во групата 3 од А-дивизијата, Велс во истата сезона но во Б-дивизијата во групата 4, Холандија во сезона 2022/23 во Група 4 од А-дивизијата и Грузија истата сезона во Ц-дивизијата во групата 4.

20Енис Барди на престојните два натпревари може и до бројката од свој 20-ти јубилеен погодок за Македонија. Досега капитенот има 18 погодоци во најдобрата селекција. А Барди на мечот со Летонија го очекува и својот 69-ти репрезентативен натпревар.

28Вкупно 28-ми натпревар за селекторот Благоја Милевски ќе биде дуелот на 14 ноември против Летонија. Досега Милевски има 27 меча на кормилото на репрезентацијата, со 11 победи, 7 ремија и 9 порази, и гол разлика од 40-37.

80Езѓан Алиоски, пак, на дуелот со Летонија би можел да го запише својот 80-ти настап во македонската А-репрезентација. Досега левиот бек има 79 репрезентативни настапи.

90 – Александар Трајковски го очекува својот јубилеен 90-ти настап во репрезентативен дрес.

289Македонија против Летонија ќе го игра својот 289-ти официјален натпревар во историјата. Досега националниот тим има вкупно 90 победи, 72 ремија и 126 порази со гол-разлика од 348-390.

351 – Голманот Столе Димитриевски е убедлив рекордер по број на минути без примен гол во историјата на македонската репрезентација. Во моментов Димитриевски е со 351 минута празна мрежа во националниот дрес. А, може тој рекорд секако да се подобри по ноемвриските натпревари.

Се вчитува...