И Пелистер си доби свој Раул: Шпанецот Алонсо нов тренер на шампионот!

Шпанскиот тренер Раул Алонсо е нов тренер на македонскиот ракометен шампион Е. Пелистер, информираа официјално од битолскиот клуб.

„Ни претставува особено задоволство да ви го претставиме нашиот нов предводник, кој доаѓа од земјата на ракометот. За првпат во историјата Пелистер ќе има шпански тренер на клупата и ќе работи по методот на добро познатата шпанска школа. Од денес наш нов тренер е Раул Алонсо, кој потпиша договор до крајот на оваа и наредната сезона, заклучно со јуни 2026 година“ – се вели во соопштението од Е. Пелистер.

45-годишниот Раул Алонсо голем дел од својата ракометна кариера како тренер ја мина во Германија. Работел претходно во Обернбург, Рајн Мен Бинен, а од 2010 до 2015 година беше дел од стручниот штаб на големиот Кил. Со „зебрите“ стана двоен европски шампион како асистент на Алфред Гисласон, а заедно освоија и серија на домашни трофеи од Бундеслигата, Купот и Суперкупот на Германија. Потоа стана директор на академијата на Кил, а работел и во Германската ракометна федерација. Самостојна кариера почна во Австрија, каде со успех го водеше Тирол.

Во 2018 година ја прифати понудата на Маноло Каденас и се пресели во Мешков Брест како асистент тренер. По само една сезона го презеде кормилото на белорускиот првак и не погреши. Во две сезони како прв тренер на екипата ги освои сите домашни трофеи и стигна до четвртфиналето и осминафиналето на Лигата на шампионите. Во 2022 година Раул се врати во Германија и го водеше тимот на Ерланген.

Се вчитува...