Чурлинов: Тимскиот квалитет е носечка сила на оваа Македонија… Така ќе биде и со Летонија!

Дарко Чурлинов, по отсуството на претходниот октомвриски собир поради повредата, сега повторно се враќа во македонската репрезентација за последните два натпревари од Лигата на нациите против Летонија, и против Фарските острови во Скопје.

Македонија е убедливо на првото место на табелата по четири одиграни натпревари, и веќе извесно ќе заврши на таа позиција, со само еден неопходен бод до крајот за официјализација на лидерското место и пласман во Б-дивизијата од Лигата на нациите, што беше и цел пред стартот.

„Без разлика на тоа што сме први, важни ни се бодовите затоа што не носат и кон доминантно прво место во групата и за силна самодоверба за понатака за сите следни предизвици. Индивидуалниот квалитет не е толку важен како што е тимскиот квалитет, кој излегува на површина и ги носи резултатите. Оваа македонска селекција се темели на тимскиот квалитет“ – вели Чурлинов кој дополнува дека ќе се атакува на две победи.

„Со самото тоа што играме на домашен терен пред нашата публика, јасно е дека посакуваме три бода. Ќе ги анализираме противниците и верувам дека ако ги исполниме задачите од селекторот, исполниме се она што ќе ни го каже, нема да имаме проблем да дојдеме до победата против Летонија“ – истакнува офанзивецот на полска Јагелонија, и дополнува:

„Нема поголема мотивација од самиот настап во националниот дрес. Секако двата натпревари нема да бидат лесни, затоа што се лажат сите оние кои мислат дека во денешниот модерен фудбал има слаби противници. Повеќе од селекциите се на исто ниво, и затоа треба да настапиме максимално со 100% фокус и концентрација“.

Се вчитува...