И за натпреварите во eвропската Лига на нации, УЕФА не ги заборава претставниците на Фудбалската федерација на Македонија. Филип Поповски патува за Франција каде утре во Париз ќе биде делегат на мечот меѓу репрезентациите на Франција и Израел во рамките на А-2 групата.
Поради настаните во Израел натпреварот е од висок ризик, повеќе илјади полицајци ќе се грижат за безбедноста на гостинските фудбалери. Франција досега има три победи и еден пораз. Ја победи Белгија со 2-0 и 2-1, Израел со 4-1, загуби од Италија со 3-1. Израел, пак, на сите четири средби загуби. Од Франција (1-4), Италија (1-4) и (1-2) и Белгија (1-3). На табелата води Италија со 10 бода пред Франција со 9, Белгија со 4 и Израел без бодови.
Пред десет дена Филип Поповски беше делегат и во Истанбул на средбата Бешикташ – Малме во Лига на Европа.
Задача од УЕФА доби и нашиот поранешен најдобар фудбалски судија, денес еден од влијателните контролори на меѓународната сцена, Емил Божиновски, кој на 16 ноември во Тирана ќе го контролира судењето на средбата меѓу Албанија и Чешка која може да биде решавачка за првото место во Б групата.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА