„Овие момци не штедат ни срце, ни енергија… кога играат за Македонија“

Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Боби Милевски сосема очекувано низ позитивно расположение го очекува последниот ноемвриски дел од Лигата на нациите, согласно одличните настапи на неговиот тим во септемврискиот и октомврискиот циклус по кои Македонија веќе е пред промоција во повисок ранг на натпреварување од следната сезона.

Сега пред избраниците на Милевски се нови натпревари со Летонија (14 ноември) и со Фарските острови (17 ноември), овој пат во Скопје, на кои, за првпат во историјата, ќе се заверува пласманот во Б-дивизијата од Лигата на нациите. Но, и ќе се атакува на серија рекорди за македонскиот репрезентативен фудбал.

„Секој бод и секој гол е важен за нас кога се игра во дресот на репрезентацијата. Посебно во ова издание од Лигата на нациите. Оваа генерација секој натпревар го почнува со победничка цел , па така ќе биде и сега. Победа е императив на мечот со Летонија, победа е императив и на мечот против Фарските острови кои се една навистина сериозна селекција. Секако, воопшто нема да бидат лесни и наивни натпревари, поради што е неопходна максимална подготовка“ – вели Милевски.

-На списокот се и двајца дебитанти, голманот Марко Алчевски од Хапоел Ерусалим и дефанзивецот Бехар Фета од словенечки Домжале, а повик доби и напаѓачот Сефер Емини од дански Сондерјиске.

„Им посакувам добредојде на сите нови играчи. Се надевам дека новоповиканите, заедно со Стојчевски и Илиевски, кој не е сега со нас, како членови на досегашната млада селекција во иднина ќе се наметнат и ќе бидат важен дел од тимот кој се гради. Наша тенденција е секогаш да даваме можност и на младите сили“.

-Националниот тим повторно се соочува со повредени фудбалери, нешто слично како и на претходните собири. Од октомврискиот циклус недостасуваат Иљазовски, Илиевски и Тихомир Костадинов.

„Да, имаме проблеми со повредени играчи и сега нема да сметаме на Тихо Костадинов, а под знак прашалник се Муслиу и Трапановски, иако се на списокот. Но, сите сме свесни за важноста на овие два меча и главна цел ни е да останеме на првата позиција која не носи во Б-дивизијата. Тоа е нашата цел, а се останато што ќе ни донесат двата натпревари ќе биде само плус од тоа што беше зацртано пред почетокот од Лигата на нации“.

-А, тоа плус од овие два натпревари, ако максимално се завршат, може да отвори и сериозен пат кон баражот за Светското првенство 2026.

„Да, иако е јасно дека патот до таму повторно ќе биде многу тежок. Но, навистина огромна е вербата во овие момци. Силно верувам во нивниот докажан квалитет. На списокот, ако се дополнат и оние отсутните поради повреди, е буквално најдоброто со кое располага македонскиот фудбал“.

-Нескриен проблем е и минутажата за поголемиот дел од репрезентативците во своите клубови.

„На секој кој знае фудбал му е добро јасно дека тие се најдобрите репрезенти на македонскиот фудбал од секој можен аспект кои многу пати досега потврдиле што за нив значи репрезентативниот дрес. Многу пати досега го потврдиле и својот потенцијал и квалитет на терен, и надвор од него, поради што се неизбежен дел од репрезентацијата. Знам дека секој од нив, без разлика и на минутажата која ја има во својот клуб, е максимално подготвен за тоа што не очекува на секој репрезентативен собир. Многу добро го познавам карактерот на секој од нив, и многу добро знам колку секој е подготвен да даде за селекцијата. Знам дека кога играат за Македонија момците даваат и повеќе од максимум. Секогаш кога играат во дресот на Македонија не штедат ни срце, ни енергија. Тоа го покажале многупати досега и знам дека така ќе биде и сега“ – вели селекторот Благоја Милевски.

Се вчитува...