Николато: Македонија е силен тим, но ќе играме со иста филозофија како во Рига

Селекторот на Летонија, Паоло Николато, пред утрешниот натпревар против Македонија во 5. коло од Ц-Лигата на нации на УЕФА на арената „Тодор Проески“ во Скопје, вели дека ќе играат сосема еднакво како и во Рига на првиот меѓусебен дуел минатиот месец, и покрај убедливиот пораз од 0-3.

Според Николато, Македонија е силна селекција но тие нема да менуваат ништо во однос на пристапот како на мечот во Рига. Нема да се бранат, но ќе се фокусираат на отворен фудбал…

„Македонија е силен тим, но нашата филозофија ќе биде иста и на овој меч како и на оној во Рига. Можеби ќе промениме само ситници. Барам од играчите да бидам агресивни, да бидат подобри, да покажат вистинска борба и подобро издание. Ништо посебно не научивме од минатиот меч. Мислам дека одиме во вистинска насока. Игравме добро првиот меч, но противникот ги искористи нашите грешки. Пред нас е подолг пат… Фокусиран сум само на мојот тим, во моментов ми е важно ние како ќе играме. Ќе смениме нешто сигурно, но тоа ќе биде нешто малку во однос на претходниот меч“ – истакна Николато на прес-конференцијата во Скопје.

Сосема слично е размислувањето и на фудбалерот од одбраната на ФЦ Рига, Антонијс Черномордијс

„На првиот меч имавме проблем со комуникацијата, многу зборуваме за тоа после тоа и се надевам дека сега тоа е зад нас сега. Секогаш кога се игра за националниот тим секој меч е ново докажување. Има голема конкуренција во репрезентацијата и секој се бори за место. Сега очекувам да се подобриме на овој меч. Се концетрираме на себе, да ги извлечеме најдобрите работи од првиот меч, но и да ги отстраниме грешките“ – рече Черномордијс.

Се вчитува...