Галатасарај одлично ја стартуваше сезоната на турската фудбалска сцена, доаѓањето на Виктор Осимен се покажа како вистински потег, но турскиот гигант е принуден да се врати на пазарот во обид да доведе уште едно засилување за навалната линија. Причината е јасна – повредата на Мауро Икарди за кого оваа сезона предвреме заврши, а тренерот на Галата инсистира во јанури да му биде доведен нов квалитетен голгетер што би бил опција плус крај Осимен.
На врвот на листата со желби се наоѓа фудбалерот на Милан, Лука Јовиќ, со кого раководството на Галатасарај веќе стапило во контакт. Србинот се надеваше на позначајна улога по доаѓањето на Фонсека на клупата на Милан, но тој падна на четвртото место како опција во нападот на Милан, зад Мората, Абрахам и зад младиот Камарда.
Веќе станува јасно дека за Јовиќ нема иднина во дресот на „росонерите“, па преселба во шампионски тим како Галата би можела да биде одличен потег за Србинот. Турскиот тим инсистира само на шестмесечна позајмица, Милан бара и клаузула за откуп во текот на летото, но италијанските медиуми најавуваат дека може да биде најден заеднички јазик, за „росонерите“ да отворат место во тимот за да доведат нов напаѓач во текот на јануарскиот преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА