Анализа, за ЕКИПА, на најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев на октомврискиот циклус од Лигата на нациите, и пласманот во Б-дивизијата во најмладото репрезентативно натпреварување на УЕФА
Најпрво би им честитал на овие момци за пласманот во Б-дивизијата од Лигата на нациите и би и се заблагодарил на оваа генерација водена од Боби Милевски, во името на сите навивачи кои искрено сакаат да гледаат вистински фудбал во Македонија, што ни овозможија во следната сезона од Лигата на нациите да гледаме натпревари на нашиот национален тим со многу поквалитетни европски селекции, кои се во Топ 30 на Стариот континент. Тие поквалитетни натпревари се вистинска можност потоа и самата оваа наша генерација да покаже до каде е квалитативно во европскиот фудбал, и колку и дали е способна и да опстане во тој фудбалски ‘свет’. Но, најважното е дека македонската публика и на домашен терен ќе има врвни европски натпревари, за што треба да и се заблагодариме на оваа генерација момци.
Против Летонија синоќа беше одигран еден просечен натпревар кој не е многу за пофалби, но она што мене вистински ме восхитува е што оваа нова генерација покажува една сигурност кога се играат натпревари токму против вакви противници на која ја носите фаворитската улога, а што не било баш одлика на некои претходни генерации. Беше очигледно дека се оди на резултат, да се реши натпреварот без многу напор, а да се извлече максимална корист за себе. Како поранешен фудбалер многу добро знам дека сме имале во кариерите многу натпревари на кои целно сме сакале со минимален напор да извлечеме максимална резултатска корист. И тоа покажува дека оваа екипа созрева на вистински начин, разбира дека треба да се игра на резултат а да се мисли и на себештедењето. Затоа, ми се чини, се играше внимателно со точна определба што се сака од натпреварот, трпеливо до голот а потоа рутински одржувајќи ја предноста. Имаше уште некои шанси за поубедлива победа, но целта беше постигната да се дојде до што повеќе бодови до крајот на Лигата на нациите кои би ни овозможиле и бараж за пласман на Светското првенство 2026.
НИКОЛА СЕРАФИМОВ ЗА ИЗДВОЈУВАЊЕ – ОДЛИЧЕН МЕЧ ЗА МЛАДИОТ ДЕФАНЗИВЕЦ
Ако се анализира индивидуалниот ефект, нема потреба од издвојување поединци затоа што беше реално еден просечен натпревар, повеќе, како што спомнав и претходно, професионално одработен, но не и за паметење. Можеби ако треба да издвоиме, тогаш овој пат тоа е одбраната затоа што дејствуваше сигурно иако Летонците покажаа во неколку наврати во првото полувреме некоја прикриена опасност.
Дефинитивно играч на натпреварот е младиот Никола Серафимов затоа што пред се одигра навистина одлично во одбраната, но и го постигна одлучувачкиот гол за победа на тој начин реализирајќи го она што требаше да го заврши нападот или играчите од средниот ред. Но, ете, централните дефанзивци, со асистенција и гол, овој пат беа клучни и за офанзивниот ефект.
Во секој случај, секоја чест на момците, затоа што, на крајот на краиштата, тоа што е најважно – резултатот го остварија. Верувам и посакувам дека ќе ни донесат нова победа и против Фарските острови во недела, но во малку подобра игра. И, на сите нам, повторно ќе кажам, ќе ни овозможат да се надеваме и на нов бараж за пласман на СП 2026 што би бил нов извонреден успех на репрезентативниот фудбал.
ПРЕТХОДНИТЕ АНАЛИЗИ НА ДАРКО ПАНЧЕВ
Оваа нова репрезентација ја добива полека својата фудбалска зрелост, пресреќен сум за Елмас!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА