На само 18 години, Јана Атанасовска испишува историја како првата македонка што ќе се натпреварува во алпско скијање на ФИС Светски скијачки куп. Јана ќе го претстави знамето на Македонија во дисциплината слалом, на утрешната трка (16.11, сабота) со почеток во 11:00 часот. Овој настап претставува огромен успех и достигнување не само за Јана, туку и за македонскиот спорт, поставувајќи нови стандарди и инспирација за идните генерации.
Јана Атанасовска, која со својата посветеност, истрајност и талент успеа да го достигне светскиот врв, тренираше интензивно и со голема посветеност изминатите години, а нејзиниот успех претставува одличен пример за сите млади спортисти. Во својата кариера, Јана се истакна со бројни успеси на регионални и меѓународни натпревари, а сега таа ќе се натпреварува рамо до рамо со најдобрите светски скијачки, меѓу кои и најдобрата скијачка на сите времиња Микаела Шифрин. Јана, заедно со нејзините тренери Александар Атанасовски Чаве – кој е и нејзин татко – и Игор Загерник, се наоѓа во Леви, Финска, подготвена за своето историско деби на ФИС Светскиот скијачки куп.
ФИС Светскиот скијачки куп во Леви, Финска, е еден од најочекуваните настани во алпското скијање, посебно познат по натпреварите во дисциплината слалом. Традиционално, трките се одржуваат во ноември, со учество на светската елита во машка и женска категорија. Леви е првата слаломска трка во сезоната на ФИС Светски куп во алпско скијање и означува официјално отворање на натпреварите.
Скијачката федерација на Македонија со гордост ја поддржува Јана, и и посакува многу успех во остварувањето на нејзините цели и соништа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА