Погба се збогуваше од Јуве: Засекогаш во срцето… некогаш работите не одат како што сакате…

Пол Погба од денеска повеќе не е член на Јувентус откако и официјално беше објавено дека е раскинат договорот меѓу францускиот интернационалец и најтрофејниот италијански фудбалски колектив.

Погба доби значително намалување на казната по допинг-скандалот и во март 2025 ќе може да му се врати на фудбалот, тој неколку пати изјавуваше дека голема желба му е повторно да заигра за Јуве, но челниците беа децидни на ставот дека таа опција не е возможна, инсистирајќи на раскин на договорот со кој Погба беше втор најплатен фудбалер во тимот, веднаш зад Душан Влаховиќ.

Денеска и официјално тој договор беше раскинат, а Погба преку порака на профилите на социјалните мрежи се збогуваше од тифозите на Јуве.

„Некогаш работите не одат онака како што сакаме, но едно нешто е сигурно – врската што ја создадов со вас, драги навивачи, ќе остане незаборавна. Ми дадовте толку многу, што не можам да опишам со зборови, секогаш со себе ќе ја носам поддршката што ја имав од вас. Засекогаш во срцето. Со среќа, Јувентус“, напиша Погба.

Фрацузинот по новата одлука на Спортскиот Суд во јануари ќе може да почне да тренира со новиот клуб, а во март и да се врати на официјалните натпревари. Тој има понуда за камбек во татковината од Олимпик Марсеј, но и опција за преселба в американската МЛС-лига.

Се вчитува...