Ракометарите на Пролет стигнаа до значајни бодови во трката за влез во плејофот откако славеа во скопската пресметка со Бутел со 24-19. Избраниците на Александар Јовиќ максимално мотивирани влегоа во мечот, одиграа извонредна одбрана во финишот и стигнаа до заслужена победа.
Првото полувреме донесе израмнета борба во која Пролет прв се одлепи и поведе со 5-3, следеше водство на Бутел од 7-9, за на крајот на одмор да се замине со израмнети 12-12, по пеналот на Николов за гостите во последната секунда. Израмнето беше само уште десетина минути од второто полувреме, по што Пролет успеа да се одлепи и да стигне до „плус три“ (18-15). Бутел стигна до 18-17, но по тајмаутот на Јовиќ домашниот тим одигра извонредно во одбраната, одличниот Даскаловски во последните 15 минути прими само два гола, па Пролет заслужено славеше со убедливи 24-19.
Бахар беше прв играч на оваа пресметка со 10 гола, шест гола (голем дел од нив во клучните моменти) постигна Стојановски, а капитенот Андоновски го заврши мечот со пет погодоци. Најефикаен кај Бутел беше Николов со шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА