Далас маверикс ја оправда фаворитската улога на дуелот со Сан Антонио, максимално користејќи го неиграњето на Вембењама за рутински слави со 110-93. Триумфот беше осигуран по извонредната трета четвртина што Лука Дончиќ и соиграчите ја добија со убедливи 38-18, по што тренерот Кид реши во последниот период да ги остави на клупата најдобрите кошаркари.
Дончиќ имаше скромен ефект од 16 поени, 6 скока и 6 асистенции, а најефикасни во победничкиот табор беа Гафорд и Ирвинг со по 22 постигнати поени.
Најнеизвесно беше во Бостон, каде актуелниот шампион дури по продолжение славеше над Торонто со 126-123. Херој на Бостон повторно беше Џејсон Тејтум, кој ја погоди тројката за победа со звукот на сирената завршувајќи го овој меч со 24 поени, 11 скокови и 9 асистенции.
Милвоки во првите 13 рунди има дури девет порази, откако оваа екипа синоќа загуби на гостувањето против Шарлот со минимални 115-114. Милвоки важеше за еден од фаворитите на Истокот, но катастрофално ја почна сезонава, Адетокумбо стигна до трипл-дабл од 22 поени, 15 скокови и 12 асистенции, но тоа малку вредеше ако се знае дека грчката суперѕвезда го промаши шутот за победа во последната секунда.
Резултати:
Шарлот – Милвоки 115-114, Бостон – Торонто 126-123 (по прод.), Њу Орлеанс – ЛА Лејкерс 99-104, Далас – Сан Антонио 110-93, Сакраменто – Јута 121-117.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА