Манчестер Јунајтед го доведе Аморим за нов тренер, по што веднаш се појавија шпекулации дека португалскиот стратег сака во тимот да му биде доведен Виктор Ѓокереш.
Шведскиот репрезентативец блеска од стартот на сезонава, веќе има 23 гола на 18 средби за Спортинг во сите натпреварувања, а постигна и четири гола и три асистенции за Шведска во Ц дивизијата од Лигата на Нации. Јавна тајна е дека за овој извонреден голгетер се интресираат неколку европски гиганти, неговата клаузула за летово ќе изнесува 65 милиони евра, а Швеѓанецот во татковината за време на оваа репрезентативна пауза беше прашан за Аморим и шансите тој да го следи омилениот тренер во Манчестер.
„Тажен сум што го напушти Спортинг, но истовремено и ја разбирам неговата одлука. Аморим е клучна фигура за мојата кариера, ми даде шанса и ми помогна да се развијам. Дали ќе одам по неговите стапки во Манчестер? Мислам дека Јунајтед веќе има многу напаѓачи во тимот. Едно е сигурно, до крајот на сезонава ќе останам во Спортинг, што ќе се случува потоа никој не може да каже во моментов“, изјави Ѓокереш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА