Ли Карсли имаше маестрално збогување од кормилото на Англија откако „гордиот албион“ за крај на ова издание од Лигата на Нации ја декласираше Република Ирска со 5-0, за прво место во групата и камбек во А-дивизијата од ова европско натпреварување. Карсли на крајот од годинава му ја препушта функцијата на Томас Тухел, но фудбалерите на Англија се погрижија на вистински начин да го испратат овој стручњак од кормилото.
Интересно, првото полувреме заврши без голови, но затоа во вториот дел за само шест минути Англија поведе со 3-0. Кејн го отвори резултатот од пенал, а по него меѓу стрелците се запишаа Гордон и Галахер, двајцата со први голови во дресот на Англија. На 4-0 со удар од петнаесетина метри зголеми Боувен, а конечните 5-0 ги постави младиот Харвуд Белис. Мора да се истакне дека една од причините за убедливиот пораз на Ирците беше црвениот картон на Скејлс во 51. минута, по што следеше англикото гол-шоу.
Промоција во А-дивизијата обезбеди и Ерлинг Халанд со Норвешка, откако скандинавската селекција во последното коло го декласираше КАзахстан со 5-0, а Халанд постигна хет-трик на овој меч. Во прилог на Норвежаните им дојде и ремито на домашен терен на Австрија против Словенија од 1-1. Австријците со победа ќе завршеа на првото место во групата, имаа предност се со десетина минути до крајот, кога по една евтино продадена топка и погрешно додавање од голманот, Словенците израмнија преку Гнезда Черин и ги шокираа избраниците на Рангник, кои скапо ги плати промашените шанси при 1-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА