Македонскиот ракометен шампион денеска официјално го претстави новиот тренер Раул Алонсо. 45-годишникот од Мадрид потпиша договор на една и пол година и веќе го одработи првиот тренинг.
Него го дочека спортскиот директор Звонко Шундовски, кој го запозна со клубот, градот и проектот. Раул позираше со клупски обележја и ќе биде првиот шпански тренер во нашиот клуб. Дебито на Раул Алонсо е предвидено за в среда од 20:45 часот на дуелот со Фредериција.
Шпанецот голем дел од својата ракометна кариера како тренер ја мина во Германија. Работел претходно во Обернбург, Рајн Мен Бинен, а од 2010 до 2015 година беше дел од стручниот штаб на големиот Кил.
Со „зебрите“ стана двоен европски шампион како асистент на Алфред Гисласон, а заедно освоија и серија на домашни трофеи од Бундеслигата, Купот и Суперкупот на Германија. Потоа стана директор на академијата на Кил, а работел и во Германската ракометна федерација. Самостојна кариера почна во Австрија, каде со успех го водеше Тирол.
Во 2018 година ја прифати понудата на Маноло Каденас и се пресели во Мешков Брест како асистент тренер. По само една сезона го презеде кормилото на белорускиот првак и не погреши. Во две сезони како прв тренер на екипата ги освои сите домашни трофеи и стигна до четвртфиналето и осминафиналето на Лигата на шампионите. Во 2022 година Раул се врати во Германија и го водеше тимот на Ерланген.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА