Македонската репрезентација, по вчерашната победа во Скопје, зад себе го запиша најуспешното натпреварување на кое учествувала некогаш од нејзиното осамостојување – Лигата на нации 2024. Националниот тим урна неколку рекорди во ова натпреварување – пет натпревари по ред со победа, и најдолга серија без примен гол. Освои најголем број бодови во едно издание од Лигата на Нации, израмнувајќи го и воопшто рекордот по бројот на освоени бодови во Лигата на нации. Првпат во историјата се избори за место во Б-дивизијата, второ по квалитет натпреварување на Стариот континент, и е на прагот од нов бараж за пласман на Мундијал, сега за Светското првенство 2026 кое ќе се игра во САД, Канада и Мексико.
Преку резултатскиот ефект низ штотуку завршената Лига на нации, македонскиот селектор Благоја Милевски се запиша досега како најуспешен македонски селектор во 30-годишното независно постоење на националниот тим!
Човекот кој прв одведе една македонска репрезентација на Европско првенство, со учеството на младата репрезентација на ЕП 2017 во Полска, човекот кој потоа и со сениорската селекција стигна до финалето од баражот за пласман на Светското првенство 2022, првпат во нашата фудбалска историја, сега е со серија нови рекорди зад своето име кои го издвојуваат на чело на листата, согласно резултатскиот ефект, меѓу 13 досегашни македонски селектори.
Милевски, погледнувајќи го резултатскиот ефект на официјалните квалификациски дуели во рамките на натпреварувањата на УЕФА, досега е со процентуална успешност од 56,9%, или од 29 официјални натпревари на кои ја водел Македонија завршил со 13 победи, 7 ремија и 9 порази. Зад него на листата е неговиот претходник Игор Ангеловски со 53,75% успешност, или од 40 натпревари завршувајќи со 18 победи, 7 ремија и 15 порази. Потоа следи Ѓоко Хаџиевски со 46,67% успешност, а според ефектот во Топ 7 се уште Слободан Сантрач, Џон Тошак, Среќко Катанец и Никола Илиевски – Џиџи.
Боби Милевски успеа по цели 30 години да го собори и рекордот на Андон Дончевски на најдолга победничка серија на македонската репрезентација. Па, сега Милевски е со пет едноподруго победи по ред, и тоа првпат во историјата без примен гол, соборувајќи го рекордот на Дончевски кој на самите почетоци имаше четири едноподруго победи со националниот тим, но и сите четири на пријателски натпревари.
Но, Милевски го собори и рекордот на најдолга македонска серија без пораз на официјални квалификациски натпревари. Македонија сега има низа од седум едноподруго натпревари без пораз (пет победи со Ерменија (2), Летонија (2) и Фарски острови, и две ремија со Англија и Фарски острови) на официјални дуел под капата на УЕФА. Последниот пораз на македонската репрезентација беше на 17 ноември минатата година од Италија на гостувањето во Рим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА