Македонските кошаркари продолжуваат со подготовките за квалификацискиот двомеч со Литванија, од кој првиот натпревар ќе го играме на домашен терен во СРЦ Кале в четврток со почеток во 18 часот.
Неиграњето на Димитријевиќ и на Магдевски како и веќе планираното отсуство на Шортс ќе донесе дополнителен притисок врз нашата плејмејкерска линија, каде се очекува значаен дел од товарот да падне врз Кристијан Николов. Овој кошаркар игра во добра форма во турската втора лига, но останува да се види во какво издание заедно со остатокот од „црвено-жолтите“ ќе се прикаже против реномираниот противник.
„Тешко е сега да се прогнозира дали ќе се пласираме на Европското првенство, бидејќи секој натпревар е посебна приказна и не знаеме кој ќе игра, а кој не. Ги имаме Нено и Шортс кои играат во Евролигата и кога би биле тие тука, тоа ќе биде друга приказна. Допрва ќе ги анализираме и Литванците, знам дека и тие нема да бидат комплетни што ќе биде многу тешко за скаутинг, имаат и нов селектор, па ќе видиме што ќе се случи. На нас останува да дадеме се од себе, на нас е да изгинеме за секоја топка и да покажеме карактер, а останатото веројатно ќе дојде. Знам дека секој од моите соиграчи ќе извади максимум од своите сили и се надевам на позитивен резултат“, изјави Николов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА