Душан Влаховиќ не успеа да постигне гол за Србија на клучниот дуел од Лигата на Нации против Данска, а одличниот голгетер згора на тоа во самиот финиш од мечот во Лесковац заработи незгодна повреда, создавајќи сериозни главоболки во стручниот штаб на Јувентус.
„Црно-белите“ од Торино се уште чекаат Влаховиќ да блесне под водство на новиот тренер Тијаго Мота, а Србинот сега ќе мора целосно да отсуствува од тренинзите и натпреварите околу три седмици. Тој веќе се врати назад во Торино, утрово му беа извршени детални лекарски прегледи, а првата прогноза е дека ќе пропушти најмалку пет средби на „старата дама“.
Влаховиќ нема да биде во комбинација за големото дерби со Милан закажано за следниот викенд, ќе ги пропушти и дуелите со Лече и со Верона, како и двете значајни средби од Лигата на Шампионите против Астон Вила и Манчестер Сити. Доколку не дојде до компликации, Србинот би можел да се врати во тимот на Јуве за домашните средби со Венеција и Калјари, закажани за средината на месец декември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА