Бојан Миовски го постигна победничкиот гол против Фарските Острови за одличен финиш на историскиот настап во Лигата на Нации, по што нашиот голгетер полн со самодоверба се врати назад во Шпанија, на тренинзите на својот тим Џирона.
Миовски досега има само два погодоци, двата во Копа дел реј, на поранешниот голгетер на Абердин му е јасно дека од него се очекуваат подобри изданија откако летово пристигна како замена за Довбик, но Македонецот е убеден дека ќе успее да одговори на тој предизвик.
„Знам дека сум доволно добар за да играм за Џирона, да дадам многу голови за овој клуб. Никогаш во кариерата не сум имал проблем со самодовербата, се е прашање на моментум, почетокот не беше како што посакувам, но работам напорно на секој тренинг. Мирен сум, напредувам се повеќе од ден на ден, знам дека ја имам поддршката на соиграчите во соблекувалната. Никогаш не е лесно кога ја менуваш државата во која живееш и лигата во која играш, но благодарен сум на сите соиграчи што ми помогнаа со адаптацијата. Среќен сум и од соработката со тренерот Мичел, тој е извонреден стратег кој ме доведе овде и ми даде шанса да заиграм во Лигата на Шампионите. Секој ден се повеќе учам да играм според неговата филозофија, мислам дека напредувам секој тренинг на ова поле“, изјави Миовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА