Актуелниот шампион на Македонија, Пелистер вечерва на домашен терен ќе ја пречека Фредериција во натпревар од осмото коло во новата сезона во ракометната Лига на шампиони. Овој меч ќе биде голема шанса за нашиот шампион да направи крупен чекор кон пласман во нокаут фазата во Лигата на шампионите.
„Пелистерци“ токму против овој дански претставник ја прекинаа долгата серија без триумф во ЛШ, а желба на сите во клубот е да се слави и во Битола, со што би бил направен значаен чекор напред кон нокаут фазата од елитното европско натпреварување.
Шпанецот Алонсо со голем респект гледа на денешниот ривал, предупредувајќи ги своите избраници дека без оглед на триумфот во Данска, нема да имаат нималку лесна задача на дуелот во Битола.
„Секој натпревар е различен посебно кога играте во Лигата на шампионите. Играчите во ова натпреварување брзо се адаптираат на новите ситуации. Фредериција е тим кој порасна во последните две сезони и беше компетитивна во данското првенство. Го имаат Гудмундур Гудмунсон, кој е еден од најдобрите светски тренери и човек кој има големо искуство. Ќе биде тешко да се игра против нив, иако победивме на гостински терен. Ова е нов натпревар и нова ситуација, имаат квалитетни дански ракометари и агресивна одбрана.Што се однесува до подготовката, го немав потребното време, тука сум три дена и одработивме само еден тренинг. Со вкупно три тренинзи ќе влеземе во натпреварот и ќе биде натпревар со голем влог. Ќе го следиме нашиот план и растот од претходниот натпревар. Многу е важно да имаме солидна одбрана и многу интервенции на голманите. Да бидеме организирани во одбраната и тоа да ни биде појдовна точка за добар позиционен напад и транзиција. Тоа е сепак натпревар од Лигата на шампионите и ќе решаваат мали детали“, изјави Раул Алонсо на официјалната прес-конференција.
Слично размислува и Домен Тајник…
„Јавноста очекува големи работи од нас на овој натпревар. Сепак, ќе биде многу тешко. Фредериција е одличен тим, а имавме и краток период да работиме со новиот тренер. Добро се подготвуваме и до среда ќе бидеме уште поспремни. Цел град очекува победа и ние ќе го дадеме својот максимум за да ја оствариме. Фредериција игра многу брза и специфична одбрана 3-3 и ние се подготвуваме за нив“, вели ракометарот на Е. Пелистер, Домен Тајник.
Натпреварот кој ќе се игра во „Боро Чурлевски“ арената во Битола е закажан со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА