Наполи се најде во незгодна ситуација не успевајќи да најде купец за Виктор Осимен минатото лето, а претседателот Аурелио де Лаурентис се подготвува на крајот од сезонава заедно со нигерискиот голгетер да го стави на трансфер-листа и Квича Кварацкелија, откако Грузиецот ја одби и последната понуда за нов договор со „наполитанците“.
Кварацкелија блесна на фудбалската сцена пред две години кога го предводеше Наполи до шампионското скудето, Грузиецот е желба на неколку европски гиганти, а обидите на Де Лаурентис да го врзе со подолг договор не вродуваат со плод. „Наполитанците“ стануваат бесни што Кварацкелија одбива плата од шест милиони евра, иако во моментов заработува само 1,5 милиони евра по сезона. Според нив, тоа е јасен знак дека брзоногиот Грузиец не се гледа себе си како член на Наполи уште долго време, а Де Лаурентис не сака да му се повтори сагата со Осимен и следното лето ќе гопродава и Квича заедно со нигерискиот репрезентативец.
Тој има договор до јуни 2027, па „наполитанците“ сакаат да го продадат додека вредноста на пазарот му е висока, свесни дека на една година до истекот и сумата што би ја барале би морала да биде значително пониска. Неофицијално, Наполи ќе бара 90 милиони евра за својот најдобар фудбалер, за кого сериозен интерес покажуваат ПСЖ, Барселона и Манчестер Јунајтед.
Само за потсетување, Квича Кварацкелија е член на Наполи од 2022 година, кога за сума од 13 милиони евра пристигна од редовите на Динамо Батуми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА