Македонија не успеа да направи подвиг на домашен терен против Литванија, откако по голема борба нашите кошаркари претрпеа пораз во Скопје од 67-82.
Селекторот Јончевски имаше причина за задоволство по прикажаното од нашиот состав во второто полувреме, што сепак се покажа недоволно за изненадување на натпреварот во СРЦ „Кале“.
„Пред се честитки до селекцијата на Литванија за победата. Бевме премногу меки на стартот, не бевме изненадени од нивната енергија, но не одговоривме на вистински начин. Во моментот кога сфативме дека мораме да возвратиме со иста енергија, со иста борба, во втортоо полувреме ја променивме и одбраната, што ни даде резултат. Енергијата во првото полувреме беше недоволна, ако бевме 40 минути на исто ниво можеби и целокупната слика ќе беше поинаква. Верувам дека кошаркарскиот талент беше на наша страна, но физичката сила и енергијата беше она што им ја донесе на Литванците оваа победа“, изјави Јончевски.
Се очекува Македонија за неделниот дуел во Клаипеда да биде засилена со Ненад Димитријевиќ, но селекторот објави дека Магдевск и Хап нема да може да помогнат ниту на гостувањето во Литванија.
„Верувам дека со Димитријевиќ работите ќе бидат подобри, но ќе мораме да го смениме ставот и да одиграме цел меч ако сакаме подобар исход. Итан Хап дојде, неговата состојба не е подобрена, истото важи и за Магдевски, двајцата нема да патуваат со нас во Литванија, повредите очигледно се посериозни и тие нема да можат да ни помогнат ниту на вториот натпревар“, откри македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА