Пол-позицијата во Лас Вегас за Расел, сензационално место за Гасли

Британскиот возач Џорџ Расел ќе стартува од првата позиција на трката за Големата награда на Лас Вегас во Формула 1 која се вози утре од 7 часот по средноевропско време.

Расел оствари најбрзо време од 1:32.212 во квалификациите утрово, доаѓајќи до третата пол-позиција сезонава и вкупно четврта во кариерата. На тој начин ја потврди доминацијата на Мерцедес викендов, иако Луис Хамилтон направи денеска две грешки во третата квалификациска сесија и заврши на десеттото место.

На втората позиција утре ќе стартува Карлос Саинц од Ферари, а до третото место сензационално дојде Пјер Гасли од Алпин, веднаш пред Шарл Леклер од Ферари. Макс Ферстапен ќе стартува од петтата позиција а зад него Ландо Норис од Мекларен, по што следат Јуки Цунода (Ред Бул), Оскар Пјастри (Мекларен) и Нико Хулкенберг (Хас).

Инцидентот на Франко Колапинто, кој на крајот од втората сесија го уништи својот болид Вилијамс, ги одбележа квалификациите.

Во генералниот пласман, Макс Ферстапен е прв со 393 поени, пред Ландо Норис со 331 и Шарл Леклер со 307. Во конкуренцијата на конструкторите, води Мекларен со 593 поени, пред Ферари со 557 и Ред Бул со 544.

Се вчитува...