Пеп Гвардиола ги разреши сите дилеми околу својата иднина, потпишувајќи нов договор со Манчестер Сити. Против „граѓаните“ се води сериозна истрага со над 100 обвиненија од Фудбалската Асоцијација, на актуелниот англиски првак му се заканува дури и исфрлање од Премиер-лигата, но Гвардиола јасно стави до знаење дека токму тоа било само мотив плус да го потпише новиот договор.
Впрочем, тој ги демантираше гласините дека во новиот договор има клаузула што му овозможува да си замине ако Сити биде ригорозно казнет, напротив – решен е да остане и ако тимот веќе не биде во елитното англиско фудбалско друштво.
„Го реков истото и пред шест месеци, имате архива од моите изјави. Ако клубот е обвинет за тежок престап, секогаш прашањето е што ќе се случи ако испадне од лигата. Не знам што ќе биде со нас, може да бидеме исфрлени и во петтата лига. Едно е сигурно – јас останувам и што и да се случи, со Сити ќе се вратам на големата сцена. Новиот договор е на две години од таа причина, да внесам сигурност кај сите во клубот, но и бидејќи не сакам да потпишам на една сезона па исто како и сега пола година да се пишува дали останувам или не. Мојата иднина моментно ја гледам во Манчестер Сити“, дециден е во својот став Пеп Гвардиола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА