Јончевски: Сите веруваме дека можеме да изненадиме, добро го анализиравме мечот во Скопје

ЕКИПА во Клаипеда,

Стеван Цаневски

Македонската репрезентација попладнево во 18.30 часот ќе излезе на мегдан против Литванија, во обид да му се реваншира на големиот фаворит за поразот на првиот меч во Скопје.

Литванците ќе ја имаат фаворитската улога, но нашите кошаркари на чело со селекторот Јончевски веруваат дека со кревање на играта на едно повисоко ниво, засилени за нашиот најдобар играч Ненад Димитријевиќ, можеме да стигнеме до изненадување.

„Анализиравме во овие два дена што се случуваше во Скопје, ситуациите кои можеме да ги подобриме се секако да одговориме со посилна енергија во текот на целиот меч. Сега нема да биде изненадување околу тоа со каков пристап ќе влезат, спремни сме за тоа, за нивната агресивна одбрана… Со оглед на тоа што ќе го имаме и Димитријевиќ во тимот, верувам дека со тоа ќе се отвори простор и за останатите играчи да имаат поголем придонес и да се докажат. Верувам дека е можно чудо, ние сите се надеваме дека можеме да изненадиме, веруваме дека со некоја промена во стратегијата ќе можеме да се радуваме на крајот“, вели Јончевски.

Една од клучните работи ќе биде да се исконтролира скокот, дел од играта во кој Литванците целосно доминираа во Скопје.

„Скок-играта беше наш проблем на првиот дуел, а решението е максимално залагање на сите играчи, надворешните кошаркари да помогнат во затворање на рекетот и во земање на што повеќе топки. Знаеме дека цела екипа на Литванија оди на офанзивен скок, дел од тие скокови беа и наши промашувања кои требаше да бидат лесни поени. Верувам дека овојпат и концентрацијата ќе биде на повисоко ниво, ќе одговориме на вистински начин и нема да дозволиме противникот да доминира под обрачите“, изјави македонскиот селектор.

Се вчитува...