Салах: Ливерпул ме разочара

Мо Салах одново блесна за Ливерпул носејќи им на „црвените“ победа во средбата против Саутхемптон, победа која ги доведе до предност од осум бода на врвот на табелата во Премиерлигата.

Египјанецот по средбата сепак изрази разочарување од Ливерпул бидејќи се ближи месец декември, а клубот се уште не започнал ни иницијални преговори за продолжување на соработката. Неговиот договор истекува на крајот на сезоната, а во моментот е поблиску до заминување, отколку останување на „Енфилд“, како што вели самиот тој.

„Скоро сме месец декември и се уште немам добиено никаква понуда да останам во клубот. Во моментот сум поблиску до заминување, отколку останување. Во клубот сум веќе со години. Нема друг клуб каков овој. Но, на крајот на денот ништо не е во мои раце. Ги сакам навивачите, и тие ме сакаат мене, но на крајот не одлучуваме ниту јас, ниту фановите“, изјави Салах по што беше запрашан и дали е разочаран од раководството на клубот.

„Нормално. Нема да се пензионирам скоро па само тренирам и играм. Фокусиран сум на сезоната, сакаме да ја освоиме Премиерлигата и се надевам и Лигата на Шампиони. Разочаран сум, но ќе видиме што ќе биде“.

Се вчитува...