Македонскиот првак Е. Пелистер в четврток му гостува на Веспрем во Лигата на Шампионите, јасно е дека унгарскиот првак ќе ја има улогата на голем фаворит, но „пелистерци“ бележат напредок во формата и дефинитивно нема да се предадат без борба.
Од друга страна, од таборот на Веспрем најавуваат дека никако нема да го потценат македонскиот шампион, на кого гледаат со уште поголем респект откако Раул Алонсо пристигна на клупата на битолчани. Левото крило Бјарки Мар Елисон најави дека домашните ракометари максимално фокусирани ќе влезат во мечот, се со цел да слават на последниот меч на домашен терен оваа календарска година.
„Сигурен сум дека дуелот со Пелистер ќе биде тежок за нас, како и сите останати натпревари во Лигата на Шампионите. Ние влегуваме во секој меч со желба за победа, овој дуел нема да биде ништо поразличен… згора на тоа ова ќе ни биде последен домашен меч во ЛШ во 2024 и секако дека сакаме да завршиме со триумф. Го респектираме противникот, знаеме дека немаат пораз од нашиот последен дуел, така што во добра форма ќе пристигнат на овој дуел. Неодамна го доведоа и Раул Алонсо за тренер, немаат пораз од неговото доаѓање, гледаме доста видеа од последните натпревари за да се подготвиме тактички, да видиме како играат под водство на новиот тренер“, изјави Елисон за официјалната клупска веб-страница.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА