Сара Ристовска: Верувам во нашата репрезентација, нема да се откажеме без борба…

Македонските ракометарки ги финишираат подготовките за ЕП 2024 во Дебрецин, каде со настап ќе почнат утревечер и тоа со пресметката со силната Шведска, која воедно е и еден од главните кандидати за медал на шампионатот.

Сара Ристовска ќе биде наш главен играч и на ова ЕП како што тоа беше случај и пред две години во Скопје, а искусното десно крило верува дека „црвено-жолтите“ можат да се прикажат во добро светло. Воедно, таа потврди дека фокусот на националниот тим е ставен на мечот од второто коло против Турција, ривал со кој можеме да се надигруваме во Дебрецин.

„Имавме добри подготоввки за овој завршен турнир, пред се во Пореч каде одигравме две контролни средби и увидовме на што треба да работиме, како во нападот, така и во одбраната. Веќе неколку години вршиме смена на генерациите и малку е тешко бидејќи треба да пренесеме искуство на помладите, но и самите тие мора да почувствуваат што значи да се биде на терен на едно големо натпреварување. Дефинитивно сме на вистинска патека, имаме голем број млади ракометарки кои играат надвор од Македонија. Максимално сме фокусирани на трите средби, но особено на дуелот со Турција, кој е многу важен за нас. Како капитен јас верувам во нашата селекција, дека нема да се откажеме и ќе се бориме пожртвувано на сите средби во Дебрецин“, изјави Сара Ристовска.

Се вчитува...