Ракометарите на Алборг неочекувано лесно и убедливо го декласираа Киелце со 34-26, за нови бодови во групната фаза од Лигата на Шампионите. Гостите од Полска допатуваа во Данска со надеж дека ќе успеат да приредат изненадување, но се случи сосема спротивното, па Алборг со импресивното прво полувреме за 30 минути го реши победникот, заминувајќи на одмор со убедливи 20-13.
Алборг во вториот дел стигна и до „плус десет“ (28-18), по што Данците рутински го приведоа мечот до крајот, славејќи со конечни „плус осум“. Норстен бранеше одлично на голот на победничкиот тим со 15 успешни интервенции, додека во нападот на Алборг најефикасни беа Турин и Влах со по шест погодоци. Сургиел со четири гола беше најефикасен во таборот на Киелце, додека кај гостите разочара Алекс Душебајев, со само еден гол од пет обиди.
Пик Сегед на гостински терен ја совлада екипата на Колштад со 33-36. Унгарскиот тим имаше минимални 16-17 по првото полувреме, на стартот од вториот дел стигна до „плус три“, предност што знаеше како да ја задржи до самиот крај. Марио Шоштариќ имаше перфектни седум од седум за Пик Сегед, шест гола постигна Фримел, а прв стрелец на норвешкиот првак во вечерашниот пораз беше Гудјонсон со седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА