Ливерпул останува единствен тим со перфектен скор и по петтото коло од Лигата на Шампионите, откако „црвените“ вечерва на домашен терен го совладаа европскиот првак Реал Мадрид со 2-0. Јирген Клоп во целата своја ера во Ливерпул немаше ниту еден триум над „кралевите“ од кои загуби и две финалиња во ЛШ (едно реми и седум порази на последните осум меча на овие ривали), но Арне Слот експресно го најде одговорот за овој проблем, во дебито на клупата за Ливерпул против Реал веднаш земајќи го скалпот на најтрофејниот европски клуб.
Мекалистер беше стрелец на првиот гол за „црвените“, при 1-0 најпрвин пенал промаши Килијан Мбапе, а потоа на спротивната сстрана од белата точка непрецизен беше и Мохамед Салах. Печат на заслужената победа на Ливерпул стави Коди Гакпо со прецизен удар со глава по центаршутот на Енди Робертсон.
Борусија Дортмунд ја прекина серијата добри игри во ЛШ на Динамо Загреб, на гостински терен славејќи над хрватскиот тим со 0-3. Младиот Гисенс ја продолжи серијата блескави игри во Лигата на Шампионите со прекрасен гол за 0-1, а во второто полувреме мрежата на Динамо ја затресоа и Бенсебаини и Гираси.
Астон Вила и Јувентус ремизираа 0-0, а домаќините ќе останат разочарани од ваквиот исход ако се знае дека во судиското продолжение постигнаа гол преку Роџерс, но радоста беше прекината по интервенцијата од ВАР-собата.
Најлуд меч беше оној во Ајндховен, каде Шахтјор до 86. минута имаше водство од 0-2, но ПСВ на крајот стигна до три бода триумфирајќи со 3-2 со погодоците на Тилман (два) и Пепи.
Лил како гостин ја совлада Болоња со 1-2, Селтик и Бриж ремизираа 1-1 во Глазгов, а Бенфика со пресврт во второто полувреме дојде до три бода на гостувањето во Монако (2-3), преку Кабрал во 84. и Амдуни во 88. минута по двете асистенции на Анхел ди Марија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА