Македонија го почнува настапот на ЕП: Аутсајдерки против Шведска, желбата е барем една победа во Дебрецин

Женската ракометна репрезентација на Македонија го почнува настапот на ЕВропското првенство, во кое нашата национална селекција е дел од групата во Дебрецин каде за противник ќе ги има Шведска, Турција и домаќинот Унгарија.

За „црвено-жолтите“ ова е второ големо натпреварување во низа по последното ЕП на кое Македонија беше ко-организатор, а избраничките на селекторот Грчевски делуваат мотивирано да стигнат до позитивен резултат. Дебито не можеше да биде потешко, за ривал вечерва (20.30 часот) ја имаат моќната Шведска која најавува борба за медал на овој шампионат.

Македонија има две победи на досегашните 11 средби со Швеѓанките, но последната е забележана во далечната 1998 година, а на последните дуели во квалификациите во 2018 и 2019 година загубивме со 20-32 во Скопје и со 35-26 во Никобинг.

„Имаме поставено цели пред нас за секој натпревар, сакаме да го покажеме најдобро од себе, да докажеме дека можеме да играме со секого, сигурнои да победиме на барем еден натпревар. Знаеме колку е силна Шведска, тоа е една од најдобрите репрезентации на денешницата во женскиот ракомет, но верувам дека можеме да им одговориме. Мислам дека имаме шанси да славиме над Турција, тоа е нашата шанса на овој шампионат, имаме добра тимска хемија и ќе сториме се за да стигнеме до барем еден триумф во Дебрецин“, изјави Ива Младеновска, младата и суперталентирана ракометарка која настапува во Франција и ќе биде еден од клучните играчи во нашиот состав на ова ЕП.

Македонија по денешниот дуел на 30 ноември (исто така во 20.30 часот) ќе се сретне со Турција, а во рамките од третото коло ќе следи и дуелот со домаќинот Унгарија (2 декември, 18 часот).

Се вчитува...