Енис Барди е целосно изолиран од првиот тим на Трабзонспор, јасна е пораката од управата дека македонскиот репрезентативец ќе биде продаден во јануарскиот преоден рок, а последните информации говорат дека Барди би можел да остане во Турција.
Хатајспор е клубот што покажува најголем интерес за капитенот на нашиот национален тим и веќе ги почнал преговорите со Трабзонспор за од почетокот на 2025 година да го доведе Барди во своите редови. Хатајспор моментно се наоѓа на претпоследното место на табелата, но овој клуб e решен да обезбеди опстанок, а спортскиот директор Риза Чалимбај во изјава за влијателниот весник „Милијет“ потврдил дека Барди се наоѓа при самиот врв на листата со желби, заедно со уште еден одличен плејмејкер, Емре Мор од Ејупспор.
„Го баравме Барди во текот на летото, тогаш не успеавме, но сега повторно се обидуваме во истата намера. Се надеваме на повеќе успех“, изјави Риза Чалимбај.
Останува да се види дали Енис Барди ќе прифати да се пресели во Хатајспор и да остане во турскиот шампионат, или ќе се реши за нова авантура во кариерата, ако се знае дека веќе доби и неколку понуди од Западна Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА