Лајпциг ја спушти цената: Елмас подготвен за јануарски трансфер

Елиф Елмас поради повреда заработена настапувајќи за Македонија предвреме ја заврши оваа 2024 година, а како што стојат работите македонскиот ас повеќе нема да го облече дресот на Лајпциг.

Германскиот прволигаш минатата зима плати 24 милиони евра за да го доведе македонскиот „дијамант“ од Наполи, но работите не се одвиваа онака како што очекуваа и клубот и самиот Елмас. Тој имаше мала минутажа ланската сезона, но во последните месеци неговата улога во тимот беше уште повеќе минимизирана, а тренерот Марко Розе им даваше поголема шанса на речиси сите играчи во однос на Елиф.

Весникот „Билд“ во денешното издаание објави и дека Лајпциг веќе ја одредил и цената за Елмас, па ќе бара 15 милиони евра за македонскиот репрезентативец. Бундеслигашот би сакал што поскоро да ја заврши сагата, подготвен е да прифати и загуба од девет милиони евра за една година, се со цел да го продаде Елмас, а не да го испраќа нашиот репрезентативец на позајмица, нешто што беше дискутирано во изминатиот период.

Елиф има на маса понуди од Италија, но најконкретен во моментов се чини интересот од Фенербахче и Галатасарај, па останува да се види каков чекор ќе направи македонскиот ас за да ја воскресне клупската кариера.

Се вчитува...