ПСЖ одигра уште еден слаб меч во Лигата на Шампионите, а поразот од Баерн значеше и пад на 25. позиција на табелата, пласман што би значел елиминација од елитното натпреварување ако ова беше последно коло во ЛШ.
Критиките се сосема очекувани, а најжесток во коментарите кон тренерот Луис Енрике беше поранешниот француски репрезенативец, Кристоф Дугари.
„Фудбалерите играат слабо, тоа е јасно, но не можеме да го игнорираме тренерот како главен виновник. Тој е виновник за се што се случува, тренерот ги бира играчите и тактииките, мора да се игра подобро, не може само да се инсистира на висок пресинг и ништо повеќе од тоа. Некој нека ми објасни затоа што не можам да разберам, како можеше со Баерн да тргне во 4-4-2, со згуснат среден ред, и Баркола и Дембеле во нападот како централни напаѓачи. Како можеше да се измисли таква формација? Тоа беше целосно нов систем што го немаа играно претходно, не е ни чудно што фудбалерите беа збунети“, изјави Дугари.
Тој потоа продолжи со нападот врз шпанскиот стратег, врз кого притисокот дефинитивно станува се поголем…
„Некој ќе каже дека тоа е тоа, квалитетот што го поседува ПСЖ во моментов. Да не заборавиме една работа – ниту еден тренер на ПСЖ немал таква слобода во формирање на тимот како Енрике. Сега велиме ПСЖ немал играчи, а тој самиот инсистираше да бидат продадени Нејмар и Верати. Доведе нови фудбалери за стотици милиони евра, а цело време има нов изговор за слабите резултати. Добро ги знам ваквите тренери, таков беше и Ван Гал додека бев во Барса. Сам за себе мисли дека е генијалец… но кога ги нема Меси и Нејмар во тимот се гледа колку е неспособен“, жесток е Дугари во критиките врз Енрике.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА