Ракометарите на Алкалоид се подготвени за претстојниот двомеч со Вест Виена, во рамките од третото коло од Европскиот куп на ЕХФ во кој македонскиот тим влегува како фаворит.
Средбите утре и задутре во 19 часот ќе се играат во салата „Автокоманда“ во Скопје, а Кире Лазаров е претпазлив со оптимизмот, без оглед на фаворитската улога што не ја крие.
„Знаеме против кого играме, тоа е екипа, еден вид на национален проект на младинската репрезентација на Австрија, со која нашите младинци минатото лето одиграа нерешено. Играат брз, модерен ракомет, слично како и претходниот ривал Клаипеда и тоа е добро за нас, да се спротивставиме со екипи што играат слично на нас. Фаворити сме, но очекувам не само да играме на победа на двете средби, туку и да продолжиме по нашиот, проектот и играта да расте на секој но натпревар. Неблагодарно е да се прават споредби, особено што Австријците ги имаме гледано само на видео-анализа, но мислам дека Литванците од претходната рунда се за нијанса подобар тим од Вест Виена“, изјави Кире Лазаров.
Стратегот на Алкалоид децидно ја отфрли можноста за ангажман на ново странско засилување во текот на зимата, потенцирајќи дека приоритет на Алкалоид останува градењето на македонски тим.
„Секако дека планираме како ќе се развива концептот во иднина, јас како тренер и управата, можам уште сега да кажам дека нема да има ново име во текот на зимата. Тоа не значи дека се откажуваме од нешто, напротив, Алкалоид оди по својот пат, ќе настојува да ја искористи секоја шанса што ќе му се укаже, но со огромно мнозинство на македонски ракометари. Некои клубови размислуваат поинаку и имаат поинакви концепти, тоа е сосема во ред, но ние не ја менуваме нашата приказна и веруваме дека овој тим на Алкалоид преполн со талентирани македонски играчи може уште повеќе да расте, да напредува и да се вмеша во борбата за трофеи“, порача Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА