Македонската женска ракометна репрезентација со пораз од 28-18 од силната селекција на Шведска, која е еден од кандидатите и за медал на шампионатот, го стартуваше својот настап на Европското првенство 2024.
На натпреварот во Дебрецин, Македонија одлично го почна мечот поведувајќи низ првите пет минути со 1-3 на дуелот, за да потоа Швеѓанките брзо се вратат и низ израмнет ритам одржуваа предност од еден до два гола.
Се до 20. минута Шведска имаше предност од само 9-7, по што во последните десет минути следеше неверојатна серија од 6-0 која доведе до 15-7 на полувремето.
Швеѓанките во ист стил, како и финишот на првиот дел, го почнаа и второто полувреме, зголемувајќи ја предноста. Но, македонските ракометарки брзо се вратија демонстрирајќи поквалитетна игра во вториот дел со умешно парирање во одбраната, и поефикасен напад, на крај за пораз од 28-18.
Сара Ристовска, Кипријановска, Младеновска и Јанкуловска беа најефикасни во македонската селекција со по три погодоци, а Џатевска и Маџовска постигнаа по два гола. Со по еден постигнат гол завршија Диневска и Ѓеоргиевска.
Кај Шведска се издвои неверојатната Хагман со девет постигнати погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА