Ништо од победа: Македонија ремизираше со Турција

Македонија одигра нерешено против Турција 25-25 во второто коло на Европското првенство, со што шансите за пласман во следната фаза се сведени само на некаква „луда“ теорија. Избраничките на Грчевски имаа свои добри минути, но имаа и лоши моменти во мечот, со кои им дозволуваа на противничките ракометарки да се одлепат, или како што беше случај во второто полувреме да ја стигнат разликата во миговите кога имавме водство од +2.

Првиот дел Македонија го заврши со негатива од три гола. Во еден момент во првото полувреме Турчинките имаа предност и од пет гола предност (6-11). Стапи на сцена Сара Ристовска која ја намали разликата на три голови, и така беше до крајот на првиот дел.

После слабото прво полувреме, одлична игра на Македонија во првите 15 минути од вториот дел. Не само што успеа целосно да се врати во мечот и да ја анулира негативата, туку и да дојде до предност во еден миг и од два гола разлика.

Во 45 минута, Македонија се врати целосно, откако успеа да израмни од пенал на 20-20, по голот на Кипријановска од седум метри. Потоа Јанкуловска донесе и предност од 21-20. Меѓутоа Ристовска не успеа да ја донесе Македонија и до +2, откако Ристовска не реализираше зицер. Мицевска одбрани пенал, а серијта на Македонија продолжи, па замина на +2 гола позитива.

Турчинките со два гола брзо се вратија во мечот, и дојдоа до израмнување. Следуваше период во кој се играше гол за гол, а потоа грешките придонесоа за пресврт и одново Турција да го преземе водството на повеќе од три минути до крајот на мечот. Потоа следуваа серија на грешки и на двете страни, па ниту Турција не успеа да дојде до +2, ниту Македонија да израмни. Во тој период пет минути нашите ракометарки беа без постигнат гол, за конечно после серија грешки од пенал да израмниме на 25-25.

Сара Ристовска со осум голови беше најефикасна на натпреварот. Јована Мицевска на голот  имаше седум одбрани.

Вреди да се напомене дека Македонија го освои првиот бод на европските првенства по пауза од 16 години.

Во вториот меч од групата, Унгарија ја победи Шведска со 32-25, и се искачи на првото место на табелата, обезбедувајќи пласман во следната фаза. Во последното коло Македонија игра против Унгарија. За Македонија остана само теорија, односно крајно минимални шанси за едно од првите две места во групата.

 

Се вчитува...