Женската ракометна репрезентација на Македонија со пораз го заврши настапот на ЕП 2024 во Дебрецин, откако загуби од домаќиноте Унгарија со убедливи 29-19. Конечниот резултат е преубедлив ако се знае дека нашите ракометарки одиграа одлично во првите 30 минути, но немаа сили да се спротивстават во вториот дел во кој Унгарките се одлепија и стигнаа до убедлива победа.
Македонија одигра квалитетно во првото полувреме, во кое блескаше нашата голманка Драгана Пецевска. Нашите ракометарки имаа контрола над резултатот во голем дел од полувремето, а во прилог им одеше и што домаќинките во неколку ситуации ја погодија рамката од голот на Македонија. При водство од 8-6 за Македонија противничкиот селектор побара тајмаут, по што сликата на теренот се промени, унгарската одбрана делуваше поцврсто и им создаваше огромни проблеми на нашите ракометарки. На одмор се замина со предност на Унгарија од 10-11, и тоа откако ние не реализиравме пенал во последната минута (втор промашен седмерец во полувремето).
Второто полувреме почна со апсолутна доминација на Унгарките, Македонија повеќе од седум минути во полувремето не можеше да постигне гол (над 10 минути заедно со финишот од првиот дел), па домаќинките набрзина стигнаа до 16-10. Селекторот Грчевски инсистираше на напад „седум на шест“, постигнавме двагола преку пикер преку Џатевска, но Унгарките веќе беа влезени во ритам и во 45. минута стигнаа до двоцифрено водство од 13-23. Македонија за момент стигна до „минус осум“, но Унгарките повторно дојдоа до двоцифрена разлика, за на крајот мечот да заврши со десет гола предност за домашната селекција во Дебрецин, по прекрасниот погодок што го постигна Јанкуловска со звукот на сирената.
Ристовска со шест и Јанкуловска со четири погодоци беа најефикасни во нашиот национален тим, каде Петковска имаше осум интервенции, сите осум во првото полувреме. За одбележување е дека двете унгарски голманки имаа вкупно 19 одбрани, колку што Македонија постигна голови на оваа средба.
Македонија го заврши настапот на ова ЕП со еден освоен бод, од ремито со Турција и два убедливи пораза од Шведска и од Унгарија. Конечниот пласман на нашата репрезентација ќе зависи од последниот меч Шведска – Турција, на кој потребно ни е скандинавската селекција да слави со над голови, за да го освоиме третото место во групата пред Турчинките.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА