Тијаго Мота успеа да состави цврста одбрана во Јувентус, но останува големиот проблем со неефикасноста на нападот на „старата дама“ за што новиот тренер засега не успева да најде решение.
На потег е директорот Кристијано Џунтоли, кој веќе работи на наоѓањето на „лек“ за овој проблем, што сепак ќе мора да почека до крајот на оваа натпреварувачка сезона. Душан Влаховиќ не одговори на барањата на Мота, згора на тоа и јавно ја критикуваше ткатиката на тренерот, а одбива и да потпише нов договор, па Јувентус следното лето дефинитивно ќе го продаде Србинот, кој моментно е најплатен фудбалер во Серија А.
Се очекува „старата дама“ да заработи околу 60 милиони евра од овој трансфер, а Џунтоли планира овие пари да ги инвестира во ангажман на Виктор Осимен. Нигериецот е веќе докажан голгетер во Калчо-лигата, а по хаосот создаден минатото лето Наполи ќе инситира на негова продажба и под клаузулата од 75 милиони евра што ја има во договорот. Џунтоли е директорот што пред неколку години го донесе Осимен во Наполи, тој остана во добар однос со голгетер и верува дека сега може да го убеди да му се приклучи во Јувентус.
Одличниот голгетер разочаран по пропаднатиот летен трансфер на крајот заврши на едногодишна позајмица во Галатасарај, но Осимен не ја крие желбата следната сезона да ја мине во врвен клуб со шампионски амбиции во една од Топ 5 лигите. Останува да се види дали тоа ќе биде Јувентус…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

