Бојиќ: За Пелистер мечот со Чаир е најважниот сезонава

Кошаркарите на Пелистер денеска ја пречекуваат екипата на Чаир (18:30 часот, сала „Боро Чурлевски“, Битола) во 9. коло од Првата македонска кошаркарска лига, со јасна цел за експресно враќање на победничките патеки во домашниот шампионат.

Тимот се наоѓа во резултатска криза, но тоа и тоа како претставуваше само мотив повеќе за напорна работа изминативе денови, водени од огромната желба против Чаир да се почне нова победничка серија. Противникот има одличен старт на сезоната, во Битола доаѓа максимално мотивиран за продолжување на триумфалната низа, и израмнување на врвот од табелата со лидерот ТФТ Скопје.

Андрија Бојиќ, поради повреда, беше повеќе од еден месец надвор од составот на Пелистер. Се врати изминатиов период на терените, а сега е повеќе од мотивиран за максимално издание и победа против Чаир.

„За мене, ова е можеби најважниот натпревар досега низ сезоната, затоа што знаеме дека мора да дојдеме до победата. Мора да играме со максимална енергија на високо ниво, без преголеми осцилации во текот на сите 40 минути од средбата. Верувам дека клучно ќе биде добро да се исконтролира скокот. Чаир е квалитетна екипа која игра брза кошарка, па важно ќе биде да се запре нивниот плејмејкер. Во еден таков случај сигурен сум дека успехот нема да изостане“ – вели Бојиќ.

Се вчитува...