Вардар прокоцка „плус 19“ во Кавадарци

Тиквеш стигна до значајна победа над Вардар во трката за опстанок (78-72), и тоа со огромен пресврт во второто полувреме во кое кавадарчани надополнија дури 19 поени негатива што ги имаа во третиот период. Младиот тим на Вардар како и во минатата рунда против ТФТ, вечерва повторно одигра квалитетен меч, но не успеа да стигне до посакуваниот исход.

Првата четвртина заврши со водство на Вардар од 16-23, „црвено-црните“ беа подобар ривал и во вториот период, на одмор заминувајќи со 32-43. „Вардарци“ доминантно ја почнаа и третата четвртина, поведувајќи со 19 поени (36-55), но потоа дојде до огромен пад во играта на гостите од Скопје. Тиквеш предводен од Пантелиќ успеа да се врати, до крајот на четвртината намали на 56-60, а потоа во последните десет минути и го да го сврти целосно резултатот во своја полза.

Вардар не се предаде до самиот крај, на 40 секунди до крајот гостите имаа шанса за израмнување, но Наков не ја погоди тројката по што Глигоријевиќ стави печат на победата на кавадарчани.

Пантелиќ беше главна фигура на овој натпревар со 30 поени и 11 скокови, Глигоријевиќ стигна до дабл-дабл од 20 поени и 10 скокови, додека кај Вардар најзабележителни беа Наков со 19 поени и 10 скокови и Настовски со 15 поени, 9 скокови и 4 украдени топки.

Се вчитува...