Кошаркарите на Пелистер славеа во дербито на колото против Чаир со 77-73, исклучително значаен триумф за битолскиот клуб кој се наоѓаше во сериозна криза во изминатиот период. Притисокот се одрази врз играта на „зелено-белите“ кои повторно имаа сериозни осцилации, но избраниците на Петровиќ покажаа карактер кога беше најважно, во последната минута направија серија од 7-0 и си ја осигураа победата.
Пелистер одлично го отвори натпреварот, одбраната функционираше беспрекорно запирајќи го тимот на Чаир на само 13 поени (22-13). Со тројката на Стајиќ домашниот тим поведе со 25-13, но Чаир одговори со 11 поени во низа и целосно враќање во натпреварот. Битолчани сепак подобро го завршија полувремето и благодарение на Бојиќ и на Мишковиќ на одмор заминаа со водство од 40-32. „Пелистерци“ го контролираа резултатот и во третата четвртина, која заврши со тројка од сопствената половина на Тачи, за во последните 10 минути да се влезе со 60-56 за Пелистер.
Чаир не се предаде, па гостите на една минута до крајот успеаја да израмнат на 70-70 со поените на Кели. Антоан погоди тројка за Пелистер во клучните моменти, следеа и поени по офанзивен скок на Бојиќ, за Стајиќ по една украдена топка да ги комплетира клучните „7-0“, со кои домаќините се одлепија резултатски и на крајот заслужено се радуваа на победата.
Бојиќ со 18 поени беше најефикасен во таборот на Пелистер, по 15 поени реализираа Стајиќ и Мишковиќ, додека прв стрелец на Чаир беше Ролинс со 18 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА